НОВ ПРОЕKТ: Поголема безбедност во пештерата Врело

Агрегатот за струја, со кој се осветлуваше делумно пештерата Врело во кањонот Матка, годинава ќе биде заменет со електрично осветление, кое се очекува да биде поквалитетно во однос на постојното и да овозможи прегледност како на туристите и намерниците при посетата на оваа туристичка атракција, пишува Дневник.

Одлуката за осветление, кое ќе чини 3,5 милиони денари, ја донесе Советот на Скопје на последната седница. Проектот именуван како „Изведба на електрично осветлување во пештера Врело-Матка“ ќе биде финансиран од Бирото за регионален развој на Република Македонија. Во проектот со свои средства ќе учествува и градската власт, под чија надлежност е кањонот како заштитено подрачје. Од буџетот на Градот за оваа намена обезбедени се милион денари.

- Бидејќи Центарот за развој на Скопскиот плански регион се јавува како носител на проектот, средствата за учеството на Градот Скопје за реализирање на проектот ќе бидат префрлени на сметката на Центарот за развој на Скопскиот плански регион. Заштитеното подрачје „Споменик на природата - кањон Матка“ претставува еден од најголемите рефугијални центри на глацијалниот период, што придонело овој простор да изобилува со голем број реликтни и ендемични растенија и животни. Неговата исклучително важна биолошка разновидност е од особено значење и примамливо подрачје за туристички посети. Посебно внимание заслужуваат карстните форми - десетте пештери кои го сочинуваат спелеолошкиот парк во кањонот - објаснуваат надлежните.

Од одделението за односи со јавност соопштија дека кон реализација на проектот ќе се пристапи по целосно завршување на постапката.

На прашањето кога и дали по завршување на овој проект ќе се донесе одлука и ќе се издвојат средства за осветление и на другите две пештери во кањонот Матка, Убава и Kрштална, одговорните изјавија: „Град Скопје со сигурност по завршувањето на проектот за Врело ќе продолжи со активности, кои и досега беа од голем обем, и на другите важни природни, туристички и културни знаменитости во кањонот Матка“. Истиот одговор се однесува и на прашањето дали и кога ќе ја санираат платформата под Врело, која не е стабилна, а каде што пристигаат посетителите со кајаци и чамци.

За оваа година градската власт најави и поставување на нова заштитна ограда за поголема безбедност на посетителите на кањонот Матка. Станува збор за пешачката патеката покрај езерото, која е долга 3,5 километри и служи за прошетка. Само еден километар од неа е обезбеден со ограда, за останатиот дел потребни се 7,5 милиони денари, пари за кои беше кажано дека градската власт ќе ги обезбеди преку апликација во ЕУ-фондови.

Оградата е планирано да биде поставена на потегот од манастирот „Свети Андреја“ кај браната „Матка“, па се до пештерата Врело.

Kога се зборува за реализација на нови проект во рамките на кањонот Матка, пари се бараат и за изградба на пешачки висечки мост за полесно пристигање на посетителите до пештерата Врело. Единствен начин за пристигање до пештерата во моментов е само преку вода, со кајак или со чамец, за кој се наплатува од час. И од мостот засега нема ништо конкретно. Само оптимистички најави дека и овој инфраструктурен проект ќе се реализира годинава.