Нов проект на МКЦ за афирмирање млади автори

Младинскиот културен центар повикува млади независни и неафирмирани автори на возраст до 30 години да се пријават на новиот проект „Сирова култура“, што планира да го организира четири пати годишно и на крајот на  секое тримесечие да им даде простор да покажат што создаваат.

-Ако правите авторска алтернативна музика, создавате уникатни уметнички дела, театар, пишувате проза/поезија или драми… Пишете ни на info@mkc.mk, со назнака СИРОВА КУЛТУРА и покажете ни што работите. Предност ќе имаат апликантите кои делуваат во сферата на некомерцијална, супкултурна и алтернативна уметност, наведува МКЦ во повикот.

Заинтересираните треба да пратат куса биографија, линк до нивните инстаграм-профили, фејсбук-страници или јутуб-канал на кои ја претставуваат својата уметност или, доколку не се  на социјалните медиуми, своја творба да пратат на наведената електронска адреса.

Тимот на МКЦ  до 15 март 2019 ќе направи селекција на пристигнатите апликации и ќе ги избере најдобрите десет. Тие потоа ќе учествуваат на еднодневен мултимедијален настан на кој ќе бидат претставени нивните дела.

Во однос на продукцијата на делата што ќе бидат претставени, Младинскиот културен центар ќе учествува со своја опрема, простор и логистика.