Нов пат од Волково до Кучково

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, неодамна прими група граѓани од село Волково каде што пред неколку дена на патот што води кон селото Кучково се случи сообраќајна несреќа во која беше прегазен пешак.

На средбата се разговараше за брзо преземање привремени мерки со кои ќе се натераат возачите да ја намалат брзината. Увидувајќи ја потребата за брза интервенција и решавање на проблемот со тесниот пат, Општината изработува проект за реконструкција на патот од центарот на Волково до манастирот „Св. Ѓорѓија“ во село Кучково во должина од 6,8 километри. Патот ќе биде широк 6 метри и од едната страна ќе има пешачка патека со широчина од 2 метри. Предвидено е работите да завршат до крајот на 2017 година.

Додека не биде завршен овој проект, од Општината апелираат да се почитува поставената сигнализација. Во меѓувреме на три позиции од центарот на Волково до локалните гробишта се поставени „лежечки полицајци“ со цел возачите да ја намалат брзината на движење.