Нов парк во Драчево, на место каде што до неодамна имало дива депонија

Нова зелена површина од околу 5.500 квадратни метри во Драчево, на која што ќе се подигне нов парк, уредуваат деновиве екипите на Град Скопје, на место каде што до неодамна имало дива депонија.

„Просторот кај последната постојка на автобусот со број 41 хортикултурно го уредуваме. На оваа локација се засадија 200 висококвалитетни садници, а дополнително ќе биде поставена нова хидрантска мрежа во должина од 800 метри со 85 прскалки и 13 шахти и хидранти. Во паркот ќе се постават и нови клупи и корпи за отпадоци. Ова е уште еден парк на површина којашто претходно беше запоставена и затрупана со ѓубре. Сега, граѓаните на Драчево и на Кисела Вода ќе имаат уреден зелен простор за рекреација и дружење на отворено“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

Градските власти велат дека зазеленувањето останува на врвот на листата приоритети.

„Ќе ја искористиме и пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае на здравјето на сите сегашни и идни генерации“, нагласи Шилегов.

На прес-конференцијата присуствуваа и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча.