Нов модерен урбан лик: Се реконструира најголемиот пазар во Скопје (фото)

АД „Скопски пазар“, како дел од својата инвестициска развојна програма, го најави новото идејно решение за целосна реконструкција на најголемиот пазар во Скопје.

Претседателот на Комората на пазарџии, Екрем Долек вели дека терминот за завршување на работите во првата фаза е веќе пробиен за 4 до 5 месеци, а работите на терен не се завршени. Првата фаза во блок 7 и 8 требаше да биде готова во јули. Тој додава дека Комората не може да врши притисок врз инвеститорот да ги забрза работите во терен, туку тоа е работа на општината.

Од „Скопски пазар“ информираат дека интензивно се работи на реализација на овој проект.

-Се работи динамично и активностите се спроведуваат врз основа на одредени временски рамки и проектниот план, велат од претпријатието.

Со оваа инвестиција планира да постави и 1.000 нови тезги, целосно да ја обнови старата и дотраена инфраструктура на пазарот, како и водоводот и канализацијата. Пазарот ќе биде комплетно покриен и ќе добие нови 230 паркинг-места во рамки на локацијата, нов деловен простор со површина од 600 квадратни метри и мини-плоштад со фонтана.

Проектот го решава проблемот со паркирањето за посетителите и пазарџиите, кои ќе можат да ги оставаат своите автомобили на паркиралиште што ќе се наоѓа на дел од покривната конструкција на објектот.

Бит-пазар ќе се простира на површина од над 10.000 квадратни метри. Монтажните елементи ќе се поставуваат фазно. Бит-пазар е стар пазар и датира уште од средниот век, а подоцна добил и ориентални карактеристики.

Пред земјотресот претрпел неколку трансформации во однос на тезгите и покривните конструкции, без да го нарушуваат неговиот основен изглед. Тогаш не се простирал на голема површина како денес. Интересно е дека до 1878 година на Бит-пазар пазарен ден бил недела, а потоа вторник. Подоцна бил воведен и петокот како пазарен ден.