Нов Клинички во Бардовци ќе чини до 500 милиони евра

Владата сè уште ги разгледува опциите околу новиот Клинички центар во Скопје, дали да остане на постојната локација како што е планирано при што дел од клиниките би добиле нови локации или да се спроведе сосема нова постапка за нов Клинички центар на комплетно нова локација, пренесува Плусинфо.

Како што рече премиерот Зоран Заев, кој денеска во Собранието одговара на пратенички прашања, ако се спроведе проектот кој го промовираше и претходната Влада според кој се предвидува истата локација тоа би ја чинело Македонија 85 милиони евра во којшто пакет спаѓаат и други болници, како што е штипската, како и дел од опремата во нив. Во таков случај, ќе остане проблемот со сообраќајниот хаос, кој би можел да се реши со катни гаражи.

- Немаме направено средба со изведувачот, се работи за италијанска компанија која е меѓународно призната и градела и на други места. Не сме се сретнале зошто се уште не сме одлучиле што ќе правиме – рече Заев.

Ако Владата реши да се откаже од овој проект и да започне нов, тогаш ќе треба да плати пенали од 5.5 милиони евра бидејќи договорот веќе е потпишан.

Во случај, како што рече Заев, да се одлучат за нов проект, новиот Клинички центар би се дислоцирал комплетно од центарот на Скопје. Новата локација би била кај Бардовци, блиску до обиколницата за да биде пристапна и за граѓаните од источниот и од западниот дел.

Првичните пресметки кои ги соопшти Заев се дека тоа би ја чинело Македонија од 450-500 милиони евра. Во таква ситуација ќе треба да се бара и нов извор на пари, да се распишува тендери, да се подготвува проектна документација што сумирано би значело оти коамен темелник на новиот клинички центар кај Бардовци би се ставил за 4-5 години.

Местото каде е постојниот, ако се гради комплетно нов, ќе биде преуредено и пренаменето за нешто друго.