Нов аквариум во скопската ЗОО и алпинистички патеки на Матка - што ветува Арсовска за поразвиен туризам во Скопје?

Скопје има голем туристички потенцијал. Но, колку се работи во насока да се искористат сите можности за поголем број туристи од светот да ги видат убавините на Скопје?

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, во својата предизборна програма вели дека нивна главна цел ќе биде континуирано зголемување на бројот на туристи кои го посетуваат Скопје, преку нов модел за развој на туризмот и креирање нови туристички понуди и форми на туризам, силни маркетинг капацитети со цел промоција на Скопје како достапна и атрактивна туристичка дестинација со богати туристички содржини, со помош и поддршка на човечките ресурси во секторот туризам и угостителство.

-Фокус ќе ни бидат туристичките бироа и канцеларии на градот, ќе предвидиме поддршка при креирање туристички апликации за знаменитостите на Скопје, промоција и поддршка на локалниот туризам, екотуризам и алтернативен туризам.

Што предвидува нејзината програма во продолжение: 

ПОСЕТИ ГО СКОПЈЕ Целта на овој проект е преку веб страна да се промовира Скопје како туристичка дестинација, како и претставување на туристичкиот потенцијал на градот преку фотографии и кратки видео презентации.

ПОДОБРУВАЊЕ НА ГРАДСКАТА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА Со овој проект градот Скопје ќе ја подобри туристичка понуда и ќе направи план за квалитетна промоција пред странските и домашните туристи и посетители. Ова ќе значи мапирање и одржување на сите културно-историски објекти кои се важни за туристичката понуда на градот Скопје: - туристичките локалитети и институции (поставување табли, кратка содржина за историјата на објектот, осветлување и сл), - одредување на места за паркинг, - поставување на туристички патокази, - поставување на јавни тоалети околу туристичките капацитети, - одржување на хигиена на утврдените туристички точки - активности во соработка со туристичките водичи во градот.

РАЗВОЈ НА МАТКА Со овој проект се предвидува изградба на висечки мост на местото Висок рид на Матка, со што би се овозможило поврзување со пешачката патека од манастирот Св. Андреа со пештерите Врело, Крштална и Убава. Целта на овој проект е пристап до спелеолошките објекти и по копнен пат, а самиот мост би бил и одлична визуелна атракција за разубавување на прекрасната природна околина. 53 Програма за модерно Скопје Данела Арсовска.

ПОПУЛАРИЗАЦИЈА НА СКОПСКОТО КАЛЕ Симболот на Скопје, по кој градот е препознатлив во светот, за жал е запуштен, без изложби на артефакти и без туристичка понуда. Затоа, со сеопфатен проект изработен со релевантните државни институции, општините и невладините организации, предвидуваме уредување, ревитализација и одржување на Кале, со цел да стане едно од местата кое сведочи за богатата историја на Скопје, но е и исклучително атрактивно за посета на туристите и жителите на Скопје.

СКОПЈЕ ЗОО – НОВ АКВАРИУМ Градот Скопје во следниот период ќе работи на изградба, модернизација и подобрување на условите за престој на животните во ЗОО Скопје. Нехуманите живеалишта заминуваат во историјата, а ќе ги искористиме и просторите за воведување нови содржини – како аквариум, едукативни катчиња, како и програма за имплементирање посети за деца со попречености. Поттикнување на волонтерската работа во ЗОО Скопје, викенднастани, ТВ емисии и видеа на социјалните мрежи само ќе ја дополнат улогата како општествено одговорно јавно претпријатие.

АЛПИНИСТИЧКИ ПАТЕКИ “ВИА ФЕРАТА” Овој проект подразбира изведба на алпинистичка патека низ кањонот Матка, со точно трасирани патеки и ангажирани професионалци (обучувачи – инструктори) кои ќе овозможат аматерски искачувања, а воедно и можност за професионалци алпинисти кои се бават со алпинизам.

STREET FOOD FESTIVAL Овој проект ќе значи приближување на Скопје до светските трендови на манифестации и поддршка на локалните мали претпријатија. Во Скопје како и во светот последнава деценија, во подем се мали компании, чија основна дејност е подготовка и продажба на брза улична храна и пијалаци. Нивната понуда се висококвалитетни оброци комбинирани од модерна и традиционална кујна, локална и меѓународна, на атрактивен и забавен начин. Овој настан би се одржал во Градскиот парк во Скопје, со специјализирани штандови за брза храна. Во проектот би биле поканети да се вклучат збратимените градови на Скопје и сите заинтересирани гастрономски центри.