Носталгија за времето кога едвај го чекавме снегот, кога скијањето ни беше предизвик, а вреќите ни беа во прв план

Носталгија за едно прекрасно време. Време од пред неколку години. Насмевки, детски џагор, исполнети срца...

Немаше ништо поубаво од тоа, кога низ прозорец ќе забележевме дека надвор вее снег. Едвај чекавме земјата да биде целосно бела и да излеземе сите надвор. Ако снегот започнеше да вее, доцна навечер, веќе знаевме дека наредниот ден ќе започне многу рано. А, ако почнеше да вее во текот на денот, уште истата вечер ќе излезевме сите надвор.

Кога ќе почнеше да вее снег, на прозорците од сите домови можеа да се забележат мали детски главчиња, кои му се радуваат.

Вистински предизвик беше скијањето. Некои од децата имаа санки, а некои на вреќи. Немаше ништо поубаво од тоа да седнеш на вреќа и да се лизгаш. Санките знаеја да закочат некаде, но вреќите никогаш.

Едни се скијаа, други правеа снешко, трети се гаѓаат со снежните топки. Насмевката и радоста беше заедничка.

Се сеќавам, кога ќе влезевме дома, бевме цели премрзнати. Мокри до гола кожа. Немаше дел од нас кој беше сув. Но, родителите никогаш не викаа по нас, дека ќе се разболиме. Седевме по цел ден надвор на снег, уживајќи.

И деновиве има снег. И деновиве стои истиот оној рид на кој се скијавме ние, кога бевме деца. Но, денеска нема деца кои му се радуваат на снегот. Сите се внатре затворени во четири ѕида пред компјутери и телефони. Ја нема онаа врева од пред неколку години. Ја нема онаа радост, да почувствуваш како е да се скијаш на вреќа, какво е чувството да се спуштиш прв, твојата санка да биде најбрза.

Се менуваа времињата, а убавите спомени од детството никогаш не избледуваат.