Носталгија – едно од најубавите чувства кои ги доживуваме во животот

Носталгијата е чувство кога се навраќаме на нешто што сакаме да го направиме повторно, или чувство кое сакаме да го доживееме уште еднаш.

Таа е особено присутна овој период, додека минуваме многу време дома и сме ограничени поради самата пандемија. Носталгијата е едно од 27те емоции кои ги чувствуваат луѓето, а таа може да го промени нашиот ум на интересен начин, велат научниците. 

Според др. Санам Хафеез, една фотографија, мирис или звук можат да нè вратат наназад и да ни дадат пријатно чувство, или пак чувство на припаѓање. Тој додава дека носталгијата е особено значајна кога е поврзана со позитивните големи настани од нашето детство. Во мозокот, таквата тенденција на поврзување со минатото може да влијае на емоциите, одлуките, па и нашите навики.

Ни носи оптимизам

Според едно истражување, носталгијата е повеќе од убаво чувство. Таа ни овозможува отпорност кон стресот, но и позитивно размислување во однос на иднината. Пробајте само да слушнете некој хит од вашите тинејџерски години и дозволете си да го почувствувате тоа. Таквото чувство нè смирува и ни ја намалува вознемиреноста.

Ни носи топлина

Ако се чувствувате поносталгични во студените месеци, тоа не е поврзано само со празниците. Едно истражување објавено во списанието Емоции во 2012 година покажало дека генерално луѓето повеќе чувствуваат носталгија во студените месеци, а дека сето тоа им носи чувство на топлина и пријатност. 

Влијае на тоа како донесуваме одлуки

Носталгијата има големо влијание на тоа како носиме одлуки, а тоа е една маркетинг тактика која ја користат многу агенции кои нè потсетуваат на некои стари времиња. Во Магазинот за истражување на потрошувачите објавен во 2014 година, една од статиите е посветена токму на оваа тема, а таа потсетува на чувството кое го имаме кога влегуваме во продавница со лампиони кои потсетуваат на детството или бутик каде се изложени џемпери кои ги носевме во младоста. 

Ги блокира негативните емоции

Во рамки на истражувањето објавено во Европското списание за социјална психологија во 2018 година било утврдено дека носталгијата им помага на луѓето да се ослободат од чувствата на вина и срам. Таа ни носи одреден вид на одбрана од лошите чувства.

Ја намалува физичката болка

Чудно, но носталгијата придонесува подобро да се справиме со физичката болка. Според една статија објавена во 2020 година пишувањето за среќните спомени ни помага во однос на толеранцијата на болка, особено кај луѓето кои имаат проблем со хронична болка.