
„Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска е откупен од светскиот дистрибутер на документарни остварувања „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films).
Откупот од „Нешнл џиографик документари филмс“ значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот, што ќе му овозможи на филмот да стигне до публика во над 170 земји.
„Приказната за Силјан“ годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.
Филмот е инспириран од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со бел штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
Веста инаку ја сподели и „Нешнл џиографик документари филмс“ на својата официјална фејсбук страница.