Ноќниот радар ги улови сите 208 возачи што брзо возеа


Министерството за внатрешни работи во текот на изминатата ноќ, во периодот од 21 до 2 часот, со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што се санкционирани 208 возачи.

Како што посочуваат од МВР, од вкупниот број на изречени санкции, девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. При тоа 136 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 72 надвор од населено место.

Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за побезбедни патишта.