
Ноќеска на улицата „Варшавска“ во скопската населба Тафталиџе целосно изгорел патнички автомобил, кој, според неофицијални информации, го користел судијата Ѓоко Ристов, објави „Нови Македонија“.
Фотографиите од местото на настанот покажуваат дека возилото е речиси целосно уништено од пожарот, при што најголема штета е причинета на предниот дел и моторниот простор.
„Нова Македонија“ исто така пишува дека од Министерството за внатрешни работи со нив споделиле дека ноќеска околу 02:50 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на територија на Карпош, било опожарено патничко возило „пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.Р..
„Од пожарот биле оштетени и патничко возило „фолксваген туран“, сопственост на Д.М., патничко возило „сангјонг“, сопственост на С.С. и деловен објект, сопственост на Г.Л.. Огнот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Во тек е увид, брифирале од МВР за „Нова Македонија“.
Инцидентот доаѓа во период кога името на судијата Ристов е во фокусот на јавноста по обвинението во кое Обвинителството тврди дека при претрес биле пронајдени околу 350.000 евра, додека Ристов ги негира обвинувањата и изјави дека со документација ќе докажува дека парите не се негова сопственост.
Од „Нова Македонија“ посочуваат дека во овој момент не е познато дали постои каква било поврзаност меѓу пожарот и судскиот случај.