НЛБ Галерија: Отворање на првото меѓународно издание на „МиниАРТура“ 2018 на ДЛУМ

Вечерва, 4-ти октомври 2018 година (четврток) со почеток во 20 часот во НЛБ Галерија (Дирекција на НЛБ Банка ул.Мајка Тереза 1, Скопје) ќе биде отворена изложбата „МиниАРТура“ која годинава за првпат е во меѓународно издание.

Изложбата 6-та година по ред ќе биде отворена во НЛБ Галерија во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Друштвото на ликовни уметници. На изложбата учествуваат автори од Србија, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Австрaлија и други земји како и автори од Македонија членови на ДЛУМ.

На изложбата „МиниАРТура“ традиционално ќе бидат доделени две награди. Од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија,  десетти пат ќе биде доделена наградата „ЗЛАТНА ЧЕТКА“, а од страна на НЛБ Банка по шести пат ќе биде доделена една откупна награда насловена „НЛБ-МИНИ АРТ“.

За овој вид изложба, чии дела имаат мал формат, на која што според веќе усвоените пропозиции делата можат да бидат со максимални димензии 10х10 см, авторскиот концепт за оформување на делото најчесто претставува посебен мисловен процес, поради ограниченоста на димензиите и минуциозноста на ликовниот израз.

Духот на минијатурата се гледа преку компактноста на композицијата и способноста на уметникот да се изрази во ограничен формат. Минијатурата не е прикажување на еден детал или исечок од една целина, таа е осмислен концепт во мал формат и претставува хомогена и кохерентна целина на еден индивидуален приказ. Авторите имаа можност без никакви ограничувања, самостојно да ги бираат медиумите во кои ќе ги изработат и прикажат своите дела, со што се нагласува автентичноста на нивната визија за „големината“ на минијатурата.