Низ Скопје комбинирано: Точакот на воз и за 15 минути од Центар во Ѓорче!

За скопјани комбинацијата на транспорт велосипед со железница или велосипед со автобус е идеално решение во отсуство на метро или трамвај. Тие на прашањата на фејсук-страницата на Град Скопје предлагаат да предвиди и издавање на дневни, месечни и годишни карти на вагонот за велосипеди.

Неколкумина велосипедисти со своите велосипеди се качија во воз на железничката станица во Лисиче и се возеа до железничката станица во Ѓорче Петров. Потоа продолжија да возат на велосипед по градските сообраќајници до улицата “Димитрие Чуповски”. Од Град Скопје оваа демонстрација ја оценија како успешна и одржлива. Со цел да го опипаат пулсот на граѓаните и да добијат некоја нова идеја плус како ваков комбиниран јавен превоз да се користи помасовно и да стане култура на движење на скопјани, од Град Скопје на нивната фејсбук-страница поставија неколку прашања.

Дали во вашето секојдневно движење би комбинирале железнички сообраќај со велосипед или со градски автобус? Сметате ли дека ќе го избегнете сообраќајниот метеж во шпицовите патувајќи од едниот дел на градот до другиот со воз? Дали би го оставиле автомобилот дома ако знаете дека од Драчево до Центар со воз би стигнале за 10, а од Центар до Ѓорче Петров за 15 минути? Дали вклучувањето на железницата во мрежата на јавниот градски превоз може да гарантира одржлива иднина во Скопје?

Ова ги испровоцира скопјани кои споделија свои видувања за ваквиот превоз. Воглавно сите се сложуваат со фактот дека комбинираниот превоз велосипед-железница или велосипед-автобус е идеално решение во отсуство на метро или трамвај.

– Идеално решение за Скопје. Два воза да одат од последните станици Зелениково – Миладиновци-Ѓорче на саат време. Со вагони и за точаци. Конекции од станиците со автобус и со вклучување на аеродромот. Една карта за јавен превоз. Ќе се преполови сообраќајниот хаос и за еден месец ќе станеме град за живеење – напиша Снежана Јаневска.

– Веќе има и траса од старата железница од Ѓорче до Аеродром низ Центар, ама бидејќи рестораните во Капиштец и другите од привремени станаа постојани објекти, а ќе се гради хотел и трговски центар кај Стара железничка станица, побрзајте со планот. Подобро воз, отколку тунел низ Кале – размислува Пенелопе Попес.