Низ град Скопје не се градат улици – градската каса е празна

Низ град Скопје не се градат улици. Ова не се должи на фактот што е зимски период и градежните активности се одвиваат со намалено темпо, туку, како што коментираат градските власти, прво нема пари во градската каса, а второ, речиси ниту еден проект за реконструкција или изведба на улица не е со комплетна документација.

– Кога зборуваме за сообраќајните проблеми, морам покрај оној со недостаток на планска документација, да посочам и на проблемот со документационо нерегулираните изведбени решенија на тековните проекти, како и на проблемите што произлегуваат со експроприрањето на имотите, што се на трасата на изведба на сообраќајни решенија од Генералниот урбанистички план – вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој вели дека единствена улица што може веднаш да почне со изведба е улицата “Есенинова” во Кисела Вода за која е изработена комплетна докумантација.

– Градската каса е празна. Кога стапив на фукцијата градоначалник на Скопје, наследив долг од 2,750 милиони денари и приоритет ми е оваа фискална година да ги стабилизирам финансиите. Но и да има пари, не може да се градат сообраќајници бидејќи нема изработено проектни докумантации – вели Шилегов.

Град Скопје има распишани тендер за избор на проектантска фирма за изработка на проекти за главните сообраќајници. Шилегов вели дека по изборот на фирмата ќе бидат потребни најмалку 4 месеци да се направат проектите.

– Во тој случај, за да може Град Скопје да стартува со изведба на некоја сообраќајница ќе биде потребно најмалку една година за да се комплетира целокупната докумантација, вклучително и експропријација на имотите долж трасите – потенцира Шилегов.

Проблеми има и со речиси сите проекти кои се во изведба и затоа е проблематично завршувањето на истите.

– Град Скопје мора да изнајде решенија и во секој случај ќе ги заврши и почнатите проекти за проширување на булеварите “Трета македонска бригада”, како и довршувањето на втората фаза на булеварот “Србија” со кружниот тек на поранешна последна линија на бројот 24 во Кисела Вода. Во секој случај, сообраќајната инфраструктура претставува приоритет, кој, како што кажав, е основа за понатамошниот развој на метрополата во еколошка, урбанистичка и во економска смисла – истакнува градскиот татко.

Инаку, улицата “Есенинова” треба да претставува ново сообраќајно поврзување на Аеродром и Кисела Вода и еден од најважните приоритети за развојот на Скопје. Според проектот, улицата “Есенинова” треба да се пробие и да ги поврзе булеварот “Борис Трајковски” со булеварот “Трета македонска бригада”. Ова ќе се реализира преку пробивање на нова улица која ќе се движи од крстосницата помеѓу булевар “Трета македонска бригада” и улица “Никола Карев” кај амбулантата “Пролет”, позади Тутунскиот комбинат, кон населбата Кисела Вода и истата ќе се поврзе со булеварот “Борис Трајковски” зад новиот објект “Флетајрон” на Адора.

Со реализацијата на овој проект ќе се добие скратен пат за сите оние кои сакаат го заобиколат Центарот и метежот кој се прави во ударните часови, пред се на крстосницата кај Тутунски комбинат. Ова ќе биде второ поврзување кое ќе се прави помеѓу двете општини изминативе неколку години. Во 2010 година беше изграден булеварот “Србија”, со кое всушност се изврши сообраќајно булеварско поврзување помеѓу општините Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.