Нивелирање шахта - Сѐ уште енигма за нашите градежници

Секој малку подолготраен дожд во Скопје и неговата околина ги покажува многу од аномалиите на инфраструктурата во градот и населбите. Најчесто големото количество вода не може да се прифати од атмосферската канализација па често се јавуваат огромни непрооди езера, посебно кај ниските делови од коловизите. Често пати и сливниците се затнати со ѓубре и вегетација па водата се акумулира околу нив наместо да истекува. 

Еден од, би рекле, неодминливите белези на нашето поднебје кога е во прашање патната и придружната инфрастуктура се шахтите и сливниците кои како по правило се направени повисоки од патот па наместо да ја одводнуваат водата тие се претвораат во островца среде езера.

Утрово во многу населби имаше ваква слика а посебно во приградските населби како Лисиче, Ѓорче Петров, па дури и во делови на Карпош. 

Граѓаните коментираат: 

- Нашите градежници никако да научат да нивелираат шахта со коловоз. Иако се фалат дека имаат повеќедецениско искуство, сепак, на терен им се случуваат смешни ситуации. Високите шахти пречат при возење и ни ги оштетуваат автомобилите, и кога се многу кренати, и кога се вдлабнати што исто така не е ретко. Да беа рамни, иако не се за намена за атмосферска канализација, можат да помогнат во одводнување на вишокот вода онаму каде што нема атмосферски одвод. Кај нас ништо од ова не е применето во пракса, а тендери „фрчат“. Кој проверува како е изведена работата и дали е фунционална? - се прашуваат скопјани.