Ниту платен годишен одмор или боледување, ниту минимална плата и К-15

Постојано се донесуваат нови Закони кои се поврзани со македонските газди и работниците. Се поставува прашањето, дали тие Закони навистина се почитуваат и кој ги штити работниците.

Во Македонија со сигурност најзагрозени се работниците во чевларската и текстилната индустрија. Ретко која фирма и кој газди е чист пред законот и пред своите работници.

Овие работници постојано се жалат дека газдите се збогатуваат на нивен грб, а без да  им ги даде основните услови за работа и освновите права кои ги предвидуваат законите.

Дел од нив немаат платен годишен одмор. Не им се плаќа ниту боледувањето. Платата им е далеку од минималната, а за К-15 и да не зборуваме.

Велат, секаде е исто. Ако го пријавиш, ќе те избрка од работа. Ќе отидеш кај друг газда, кој е ист. И така ќе се вртиш во круг.

-Минатата зима бидејќи имаше многу снег, утрото кога тргнав на работа паднав на улица. Ги скршив и двете раце. Ми ги ставија во гипс. Седев дома два месеца, не одев на работа, ама не земав ни плата. Исто се случи и пред некоја година правев операција, исто и тогаш седев дома еден месец, но без пари. Јас сум во таа фирма со години, никогаш не ни бил платен годишниот одмор. Платени сме од час. Колку ќе заработам, толку пари ќе земам, раскажува Весна, вработена во чевларска фирма.

Сликате ниту во текстилната индустрија не е поразлична. Платата е далеку од минимална. Им пуштаат, а потоа ги присилуваат да вратат дел од неа. К-15 земаат, а потоа и него го враќаат.

Во минатото овие две гранки биле доста платени. Со една плата од чевларство или текстилство можело да се живее убаво. Денеска таа плата не стига ниту за сметките, а не за нешто повеќе.

Овие работници се разочарани. Не веруваат веќе во ниту еден закон, бидејќи како што велат, законите се добри, но никој не ги применува.