Ниту еден македонски на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот - според Глобал 2000

Ниту еден од македонските универзитети не се најде меѓу 2.000 најдобри универзитети во светот, покажува листата Глобал 2000 објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети.

Од регионот најдобро пласиран е Универзитетот во Белград – на 393 место, додека Универзитетот во Љубљана е на 444, а Универзитетот во Загреб на 522. место.

Исто така, уште три други универзитети од Србија се најдоа на оваа листа – Универзитетот во Нови Сад, кој е рангиран на 1.136-то место, Универзитетот во Крагуевац на 1.549-то место, како и Универзитетот во Ниш на 1.886-то место меѓу најуспешните во светот.

Од Хрватска, покрај загрпскиот, на листата се најдоа и Универзитетот во Сплит (953) и Универзитетот во Риека (1.658).

Од Словенија на листата е и Универзитетот во Марибор – на 1.293. место.

Топ 10 рангирани универзитети во светот оваа година се: Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.

Центарот ги оценува универзитетите врз основа на четири критериуми, без да се потпира на анкети или податоци обезбедени од самите универзитети: квалитет на образование (25 проценти), вработливост на дипломираните студенти (25 проценти), квалитет на наставниот кадар (10 проценти) и истражувачка работа (40 проценти).