Ниту дождот вчера не го спаси Ново Лисиче од загадувањето

Ако во минатото дождот и ветровитото време знаеа да го расчистат воздухот и да го намалат загадувањето, вчера за жал тоа не беше случај во општина Аеродром, поточно во нас. Ново Лисиче. И покрај тоа што дождот не престана да врне речиси цело попладне, мерните страници во општина Аеродром покажаа загаденост значително над дозволената граница од 50 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен.

Како и по обичај, мака со загадувањето имаа жителите на Ново Лисиче каде загадувањето на сите мерни станици на апликацијата Мој воздух околу 21 часот покажаа вредности над 100.

Интересно е дека во оваа општина единствениот мерач кој синоќа покажа дека воздухот речиси и да не е воопшто загаден, за разлика од сите останати, е оној со ознака „Government measuring station“ на апликацијата Мој воздух, кој е поставен од надлежното министерство.