Нина Николиќ: „Отело“ зборува за непрепознавањето на знаците на потенцијално насилство

По премиерата во Босанско народно позориште во Зеница на 16 ноември, копродукциската босанско-македонска претстава „Отело“ во режија на Нина Николиќ в среда од 20 часот премиерно ќе биде изведена и на сцената на Македонскиот народен театар. Во оваа постановка на Шекспировата драма карактеристично е радикалното интервинирање во јазикот и стилот.

Целта била да се истражи на кој начин и во колкава мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. Јазикот е директен и лишен од поетичност, со што се акцентирани и нагласени теми што се актуелни и денес.

Режисерката Николиќ за МИА вели дека говорот е осовременет за ликовите да бидат поразбирливи, но не за да се поедностави приказната, туку таа да се зајакне. „Отело“, вели таа, зборува за непрепознавањето на знаците на потенцијално насилство кои неретко имаат фатален крај, а начинот на кој се третира текстот е во насока на актуализирање на темата и нејзино приближување најмногу до младата публика.  Идејата за осовременување на говорот произлегла најмногу од нејзината заедничка работа на текстот со драматург Тамара Барачков. Притоа, актери од театрите од Зеница и Скопје во „Отело“ играат  секој на својот мајчин јазик со што додатно се развива поигрувањето со говорот, како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање.

– Анализирајќи ја драмата еден подолг период, заклучивме дека ликовите мора да ги направиме разбирливи, не само за публиката, туку и за нас самите. Мислам дека Шекспировите теми се исклучително актуелни и дека можат да се третираат како проблеми на современото живеење. Сакавме преку доближување на јазикот до денешниот начин на изразување всушност да ја зајакнеме, а не да ја поедноставиме приказната. Неодамна беше меѓународниот ден за борба против насилството врз жената. Се изнаслушавме шокантни информации во врска со тоа колку е тоа изразено и застапено, но и колку малку се третира како проблем. Посведочивме приказни за тоа како луѓето живеат во насилни заедници во име на децата, семејството и срамот од комшиите. „Отело“ е драма која зборува токму за непрепознавањето на знаците на потенцијално насилство кои неретко имаат фатален крај. Начинот на кој го третиравме текстот беше во насока на актуализирање на темата и нејзино приближување најмногу до младата публика, изјави Николиќ за МИА.

Целта не била Отело да биде ослободен од вина и од одговорност за убиството, ниту да се прикажат неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство се проблематизира односот кон жените што се препознава и денес. Исто така, Јаго во оваа претстава не е лик олицетворение на злото, туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене серија крвави, трагични настани.

Режисерката е задоволна од приемот на претставата кај публиката во Зеница пред дваесетина дена, особено од тоа што ја следеле млади луѓе што, како што вели, е  показател дека ја постигнале целта.

– Премиерата во Зеница помина одлично. Најголемо задоволство за мене е што на првата реприза во салата имаше млади луѓе, средношколци, кои со големо внимание ја следеа приказната и кои во целост разбраа проблемот за кој се зборува. Ми се чини дека наша задача е да го направиме театарот атрактивен и актуелен за младите луѓе, за кои во отсуство на капацитет да ги заинтересираме знаеме да кажеме дека не се доволно начитани и образовани. Нешто што го сметам за слаб изговор, вели Николиќ.

Во театарот во Зеница минатата година таа ја работеше и претставата „Буре барут“. Соработката со еден дел од актерската екипа ја натерало, како што вели, да се врати таму со уште еден проект. Првата соработка произлегла од нејзиното случајно запознавање со директорот на Босанско народно позориште во Зеница.

– Соработката за „Отело“ е резултат на мојата и желбата на актерите да работиме заеднички проект исклучиво според наши правила. За мене предуслов за да се направи добра претстава е да се имаат квалитетни актери кои знаат како да соработуваат и со режисерот и меѓусебно. Во овој проект сите од прв до последен – Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Џенана Џаниќ, Златан Шкољиќ, Ѓорѓи Јолевски, Тамара Миличевиќ-Стииќ, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Аксел Мехмед, изобилуваат со исклучителен талент, способност за анализа, како и почит кон колегите.  Почнувајќи од Ѓорѓи Јолевски кој беше столб на проектот, па сѐ до Тамара Миличевиќ-Стилиќ и Александар Михајловски, актери кои со својата енергија и талент ги прават пробите место на уживање и креативност, изјави Николиќ за МИА. Додаде дека е можно да има и идни соработки за нови проекти меѓу двата ансамбла доклку се создадат услови.

Сценографијата за „Отело“ е на Вишња Вујовиќ, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу,  а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев. По премиерата задутревечер, „Отело“ во МНТ репризно ќе биде изведена наредниот ден.