Нина Маџиров снима филм посветен на татко ѝ, Зоран Маџиров

Нина Маџиров, ќерката на починатиот перкусионист, кој свиреше на шишиња, Зоран Маџиров, снима краткометражен филм за својот татко. Филмот „Стакло“  ја носи приказната „Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност“.

Филмот се снима во Лос Анџелес, а Нина се потпишува како сценарист и како актерка во филмот. Инспирацијата за филмот е музиката на татко ѝ, кој почина од последиците од сообраќајната несреќа која се случи лани во октомври. Желбата на Нина била целото семејство заедно да го изгледа филмот, заедно со татко ѝ, но нејзината желба не се остварила. Филмот „Стакло“ е снимен во рамките на нејзината студиска програма на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес.

Зоран Маџиров важеше за музички виртуоз, џез-музичар, перкусионист кој свиреше на шишиња. Настапувал во Европа со триото „Барони Карамазови“, а реализирал и многу проекти на Скопскиот џез-фестивал. Со семејството живееше во Загреб, а Струмица беше негов роден град.