Нина, девојката од кампањата на Уницеф: Не си ги кријте децата со даунов синдром

Широка насмевка и очи полни топлина се првото нешто што се забележува на лицето на Нина Костовска, девојката од видеото „Како ќе реагирате ако ве служи фармацевтски техничар со Даунов синдром?“, кое е дел од кампањата на Европската Унија и УНИЦЕФ „Биди фер-за детство без пречки“.

Додека сте во друштво на оваа весела и зборлива девојка од Тетово, која најмногу сака да чита книги и да гледа спорт, заборавате дека е лице со пречки во развојот. Полна надеж и планови за иднината што е пред неа, таа макотрпно работи на себе секој ден, за да биде во чекор со нејзините врсници.

Во моментов е студент на четврта година на Државниот универзитет во Тетово, каде студира македонски јазик и литература. Таа вели дека веднаш ја прифатила поканата да учествува во кампањата на УНИЦЕФ, бидејќи сака да им покаже на сите луѓе дека и лицата со пречки во развојот се способни и дека и тие може да работат и да придонесат за општетството.

„Имам уште 13 испити до дипломирање, инаку на факултет ми оди супер. Почнав да учам и англиски јазик, и тоа ми оди многу добро. Инаку, средно имам завршено фармација и можам да дадам и такви совети на луѓето. Слободното време го поминувам во аптеката каде работи татко ми, а мојот постар брат заврши факултет за фармација“, вели Нина.

Таа вели дека од искуството што го стекнала за време на снимањето на видеото, луѓето може да ги подели на две групи, на една група кои прифатиле да ги советува и да им издава лекови девојка до Даунов синдром, и на друга група кои чудно ја гледале.

„Оваа вторава група луѓе чудно ме гледаа и во тие моменти се почувствував навредено. Не значи дека ако имам Даунов синдром не знам да им дадам совет како да ги пијат лековите. Сакам да им порачам на родителите што имаат деца со Даунов синдром или со пречки во развојот да не ги кријат своите деца, да не се срамат од нив. Да им помагаат колку што можат“, вели Нина.

За разлика од луѓето од видеото на УНИЦЕФ, каде дел од нив чудно ја гледаа Нина и не сакаа таа да им ги даде лековите, во училиште и на факултет е одлично прифатена. Нејзината мајка Сузана вели дека уште во основно училиште Нина имала голема поддршка и од учителката, но и од другарчињата, а потоа и во средно фармацевтско и сега на факултет.

„Од мала ја учиме дека мора многу да работи и да учи за да напредува. Уште на три години ги научи боите, како што секое здраво дете на таа возраст ги учи. Уште од мала знае дека треба многу да учи. Во градинка не одеше, но во основно одеше во редовно училиште и многу голема поддршка имаше и од учителката и од сите дечиња во нејзиното одделение. Одлично ја прифатија и учителката ѝ обрна големо внимание“, вели Сузана Костовска.

Таа вели дека освен скромната парична помош, која ја добиваат и останатите лица со пречки во развојот, друга помош од државните и локалните институции нема.

Нина денеска ќе учествува на хуманитарната трка за деца со Даунов синдром, која ќе се оддржи во Градскиот парк во Скопје. Се разделуваме со ветување дека можеби ќе се видиме на трката, на што таа со насмевка додава: „Ако дојдете можеме заедно да трчаме“.

Извор: СДК