Николовски: Завршува изградбата на системот за наводнување Салвишко Поле, во јули стартува со работа

Системот за наводнување Славишко Поле е во завршна фаза и летово, кон крајот на јули ќе биде пуштен во употреба, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој заедно со претставници од Европската делегација, градоначалниците на Ранковце и Крива Паланка и претставници на фирмата изведувач и фирмата надзор, изврши увид во градежните активности.

Системот Славишко Поле се наоѓа во североисточниот дел на државата, во општина Ранковце, покрај Крива Река.

-Успешно завршуваме уште еден систем за наводнување. Задоволството е огромно бидејќи системот е речиси целосно завршен, во моментов има 99 отсто реализација и до крајот на јули ќе биде пуштен во употреба. Системот е изграден со поддршка од Европската Унија во вредност од 1,7 милиони евра. Со новиот модерен систем за наводнување опфатени се околу 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое  го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци. Стариот систем за наводнување беше нефункционален и можеше да наводнува само 40 хектари. Новиот систем ќе наводнува пет пати повеќе. Бенефит ќе имаат сите жители од општина Ранковце, а најголем е придонесот за семејствата кои се занимаваат со земјоделско производство, изјави Николовски.

Според него, земјоделци од општина Ранковце веќе нема да имаат проблеми со наводнувањето, бидејќи новиот систем е модерен и ќе овозможи интензивно, квалитетно, стабилно и редовно наводнување на земјоделските култури.

-Системот е проектиран да работи под притисок со што ќе овозможи користење на прскалки или системи за наводнување капка по капка. Со тоа вкупната ефикасност на наводнувањето е високи 80 отсто. Министерството за земјоделство ги следи и практикува насоките за заштита на животната средина и рационално користење на природните ресурси. Затоа, главниот извор на вода е Крива Река чиј капацитет е доволен да овозможи стабилно наводнување, а системот Славишко Поле е модерно изграден за да штеди вода, да нема загуби и рационално да се користи водата од реката, нагласи Николовски и упати благодарност до Европската делегација за поддршата на ваквите капитални проекти.