Николовски - Вудкок: Се интензивира соработката со Обединетото Кралство со фокус на сузбивање на криминалот

Жестока борба против криминалот и корупцијата, забрзување на трговијата како и зајакнување на капацитетите на Царинската управа ќе бидат во фокусот на билатералната соработката со Обединетото Кралство.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски оствари средба со претставникот на Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство за Македонија и регионот, Сајмон Вудкок. Двете страни се согласија за интензивирање на соработката на Царинската управа и Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство со цел остварување на приоритетите, а коишто се во фокусот на британската и македонската Влада.

„Врвен приоритет ни е економска трансформација на земјата и сузбивање на криминалот и корупцијата. Оттука од големо значење е фокусот на идната соработка со Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство да биде во насока на остварување на овие цели“, истакна Николовски.

Тој притоа потенцира дека лично ќе се заложи секој царински службеник да работи дисциплинирано, ажурно, на врвно професионално ниво и да оствари подобри резултати кои ќе бидат видливи со зголемување на ефективноста на институцијата.

На средбата воедно се говореше за можноста Обединетото Кралство преку Управата за царински работи и приходи да обезбеди советодавни и инвестиции за поддршка на поголеми проекти за развој на Царинската управа, како и поддршка за обуки на царинските службеници.

Во овој дел се разговараше за можноста за обезбедување поддршка во поврзување на системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички со новиот компјутеризиран транзитен систем и со системот за обработка на царински декларации сè со цел забрзување на транспортот и трговијата и сузбивање на криминалот. Ваквите активности ќе го дополнат Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан на Светска банка.

Интензивирањето на билатералната соработка со фокус на забрзување на економскиот раст и сузбивање на криминалот, воедно ќе придонесе за подобрување на условите за водење бизнис и привлекување на нови инвестиции од Обединетото Кралство.