Николовски: Со интензивна комуникација на сите чинители ќе се дефинира прочистувањето на правосудството

Во интензивна комуникација со Министерството за правда, но и со останатите чинители ќе биде дефиниран концептот и моделот на прочистување на правосудството, порача денеска на прес-конференција вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Тој одговори на новинарско прашање како неговиот тим всушност ќе биде вклучен во тој процес, кој деновиве го најавува и министерот за правда Бојан Маричиќ.

Николовски истакна дека тој процес е веќе почнат со одредени проверки на потеклото на имотот на носителите на јавни функции и напомена дека преку него треба да се осигури правдата, која пред се доаѓа преку прочистување на правосудниот систем на земјата.

– Процесот на прочистување на правосудството беше една од клучните темели на коалицискиот договор за оваа влада. Бев директно вклучен во самите разговори за договорот. Клучно за државата во моментов се правдата, економијата, борбата против корупцијата, екологијата и уште некои приоритети. Денес кога сите нашите соседи ни се пријатели, кога сме дел од безбедносниот сојуз НАТО, кога се остварени стратешките цели на државата, почнуваме преговори со ЕУ, треба да се зафатиме со работа дома. Граѓаните ја испратија својата порака, сакаат да има одговорност, рече Николовски.