Николовски на средби со државниот врв и евроамбасадорот Гир: Јасно се видливи конкретните чекори во Планот за борба против корупцијата

Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски денеска го презентираше Планот за борба против корупција пред претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и пред шефот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.

Николовски на претседателот Пендаровски му ги презентираше мерките од Планот и задолженијата за институциите за нивно навремено импелемнитирање. Претседателот Пендаровски потенцираше дека за постигнување резултати потребна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија, санкции и придонес од сите институции.

На средбата, вицепремиерот Николовски ги презентираше мерките од Планот со посебен фокус на екипирање и дигитализација на Јавното oбвинителство како и истражните центри во рамки на основните јавни обвинителства, зголемување на употребата на Националната платформа за интероперабилност за потребите на седумтте надлежни органи за борба против корупција, воспоставување на електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, системот за следење на предмети и претставки, координацијата со институциите, подготовката на годишна Антикорупциска програма од страна на сите институции, и останатите мерки од Планот.

На средбата со претседателот на Собранието Џафери, вицепремиерот посочи дека од голема важност за ефикасна реализација и запазување на роковите за имплементација на мерките од Планот за борба против корупцијата, е носењето одредени законски измени поврзани со дел од мерките.
Николовски ги презентираше мерките за кои има потреба од измена и дополна на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, измена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, намалување на бројот на членови на управни и надзорни одбори, дигитализација на матичните книги и издавање електронски изводи од матичните книги, Законот за јавни набавки, планот за измена и дополнување на прописите од областа на административните службеници и вработените во јавниот сектор.

Џафери го информираше Николовски за механизмите на Законодавниот дом за спречување корупција и воедно изрази поддршка за имплементација на Планот и усогласување на сите потребни законски измени со законодавната агенда.

Поддршка за Планот за борба против корупција изрази и евроамбасадорот Гир, кој посочи дека Европската унија како стратешки партнер, стои на располагање за натамошна соработка и помош за импелментација на мерките.

Вицепремиерот Николовски на средбата со евроамбасадорот Гир ги презентираше досегашните преземени мерки за спречување и борба против корупцијата, но и идните мерки од Планот, со задолженијата за сите институции и роковите за постапување по мерките.