Николовски: Бројот на заплени за 4 месеци е зголемен за 48 проценти

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, учествуваше на Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и за криумчарење мигранти во Југоисточна Европа во организација на ОБСЕ. Директорот истакна дека за 4 месеци бројот на заплени што ги извршила царината е зголемен за 48 проценти.

„Бројот на случаи на заплени во изминатите четири месеци е зголемен за 48 проценти, а соработката на национално и меѓународно ниво е значително унапредена. Изготвен е нов протокол со Бирото за јавна безбедност, а со поддршка на ОБСЕ, се со цел унапредување на меѓуинституционалното делување и жестока борба со сериозен криминал. Ова е јасен показател за нашата посветеност во борбата против пролиферација на мало и лесно оружје“, истакна директорот Николовски,

Директорот при обраќањето ја истакна и посветеноста за развој на К9 единицата како исклучителна важна за спречување на нелегалната трговија на мало и лесно оружје, при што ги поздрави активностите на ОБСЕ и донаторите за изградба на регионален К9 тренинг центар на МВР.

Од аспект на преземените активности во борбата со сериозен криминал директорот истакна дека зајакнати се и капацитетите на мобилните тимови и притоа посочи дека од први јули до 31 октомври мобилните тимови оствариле 85 заплени, споредбено со само 59 заплени во претходните седум месеци.

Директорот на конференцијата го истакна значењето во спроведување ефикасни контроли како и континуираното вложување во развојот на човечкиот капитал како клучно во заложбите за жестока борба со сериозен криминал.