Николоски овластен од Владата да го потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува проектот за градба на железница, кој ќе произлезе од парите кои ќе се добијат како резултат од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и кога ќе се потпише договорот за инвестиции, откри дека вицепремиерот Александар Николоски официјални ќе го потпише договорот во текот на оваа недела.

„На денешната седница на Владата, којашто е во тек, ќе биде овластен потпретседателот на Владата и министер за транспорт да замине во Лондон, да го потпише договорот оваа недела. Мислам дека утре или задутре, среда или четврток ќе биде и официјално потпишан и на тој начин ќе отпочне проектот за реализација на економскиот дел од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Знаете, веќе тоа го комунициравме со јавноста. Имаме на располагање 5 милијарди фунти, околу 6 милијарди евра за проекти коишто се стратешки, јас би рекол трансформациони за државата“, појасни Мицкоски.

Инаку пругата е дел од коридорот 10, којшто ги поврзува Табановце со Гевгелија, а премиерот рече дека проектот опфаќа целосна модернизација, реконструкција и изградба на уште еден паралелен колосек.

„Практично ќе имаме два колосека сега, со што карго транспортот ќе се одвива со просечна брзина поголема од 110 километри на час. Денеска буквално, композициите за карго транспортот лазат кога се движат по коридорот 10, на некои места и по 5-10 километри на час, се вози. Во просек таа брзина е негде околу 25 километри на час, а патничкиот ќе биде околу 160 километри на час, така што ќе има за неколку пати поголема и побрза размена на карго транспортот и на патници“, вели премиерот Мицкоски.