Дали Охридскиот Регион ќе остане надвор од Листата на загрозено светско наследство ќе биде познато веќе следната недела, кога во Јужна Кореја започнува заседанието на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека е оптимист оти земјава ќе успее да го зачува статусот на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство, оценувајќи дека најважно е да се избегне негово ставање на Листата на загрозени подрачја.
Тој рече дека оптимизмот го темели на неодамнешната посета на Мисијата на УНЕСКО во земјава, при што, како што посочи, биле одржани разговори со претставниците на организацијата.
„Водиме силна битка, но многу е значајно што успеавме да донесеме повеќе од 10 амбасадори на земји членки на УНЕСКО, кои ќе одлучуваат при гласањето, да ја посетат нашата држава“, изјави Николоски.
Осврнувајќи се на инфраструктурните проекти во регионот, тој го спомена и автопатот Требеништа – Ќафасан, за кој УНЕСКО претходно изразуваше резерви. Според Николоски, по посетата на експертската мисија, повеќе не се поставува прашањето дали автопатот ќе се гради, туку која траса ќе биде избрана.
Охридскиот Регион е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО уште во 1979 година поради неговите исклучителни природни и културни вредности. Во последните години, организацијата повеќепати предупреди дека неконтролираниот урбан развој, инфраструктурните проекти и притисоците врз животната средина можат да го загрозат овој статус.
Одлуката што ќе ја донесе Комитетот на УНЕСКО следната недела ќе биде од големо значење за иднината на Охридскиот Регион и за обврските што државата ќе треба да ги преземе во насока на неговата заштита.