Никола од Скопје има четиринаесет години, роден е со Даунов синдром - неговата состојба не го прави поразличен од другите деца

Дружељубив и амбициозен, во училиште најмногу сака математика и физичко. Таков е 14 годишниот Никола Стојановски кој е роден со Даунов синдром, но неговата состојба не го прави поразличен од другите деца. Го затекнавме во дворот пред зграда кад играше фудбал со другарчињата, пишува за него Сител

Никола оди во редовно образование. До лани учел во училиштето во Влае а сега е во Лазо Трповски во Карпош. Има проблеми со говорот, но како што вели неговата мајка тоа не го спречува да биде добар ученик.

-Многу сака да оди во училиште не сме пропуштиле ниту еден ден, така Ники, вели Сузана Стојановска мајка на Никола.

Иако има уште две поголеми деца, Сузана вели дека постојано му е посветена на Никола. Покрај училишните имаат и голем број други активности. Посетуваат дефектолог, логопед, три пати неделно пливање и два пати фудбал.

-Оди на танцување и глума, секој ден имаме активности, не смееме овие деца да ги оставиме без активност само така тие напредуваат, вели Сузана.

Пред една година се преселиле во карпош 3 и според Сузана наишле на одличен прием од соседите. Никола веднаш го прифатиле и во новото училиште а има многу другарчиња и од соседството. Од наредната недела Сузана ќе чува уште едно дете од СОС детското село, бидејќи добила сертификат за згрижувачко семејство. Никола и дозволил да биде мајка на уште едно дете.

-Би сакала да можам од тие посебните деца да го добијам најпосебното, вели Сузана

Никола ужива кога го снимаат и кога ќе порасне сака и тој да биде новинар.

За ваквите деца според Сузана зависи дали кај нив некој ја гледа попреченоста или пак можностите и љубовта. Кај Никола сите го избрале второто.