„Никој нема да ме заплаши“ - обиен автомобилот на градоначалникот на Општина Кисела Вода

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, синоќа на Фејсбук објави фотографија и информираше дека бил обиен неговиот автомобил, на кој е нанесена видлива материјална штета. Тој случајот го пријавил во полиција. 

Ѓорѓиевски истакна дека намерата на сторителите им била, како што рече, да го „поздрават“, затоа што се справува со урбаната мафија во Општината.

-Вечерва "непознати сторители" го обија мојот автомобил нанесувајќи материјалнa штета. Случајот е пријавен во полиција (искрено не очекувам да бидат најдени). Иако навидум сторителите се непознати, причините се јасни. Намерата им е да ме „поздрават” затоа што се справувам со урбаната мафија која дивееше и беше главна во време на претходниците. Епа веќе не смее да припари урбаната мафија накај општина, општината ја водат граѓаните. Нема по ниту една цена да се сопре развојот на Кисела Вода, решавањето на проблемите на народот и да дозволам матните бизнис интереси на поединци да бидат посилни од тие на народот. Стаклата и возилото може да ги кршат колку сакаат, ама не можат да ја скршат никогаш мојата одлучност да ја решам урбаната мафија еднаш, засекогаш. Моите сограѓани го заслужуваат тоа! На сите треба да им е јасно, никој нема да ме “заплаши” или премисли во намерите да го исполнам она што сум го ветил - потенцираше Ѓорѓиевски.