Никнуваат како печури, отстранети 60 кубни метри отпад од диви депонии во Чаир, Центар и Кисела Вода

ЈП Комунална хигиена - Скопје извести дека нивни екипи подигнале и транспортирале приближно 60 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Центар и Кисела Вода.

„Во општината Чаир се отстранети вкупно 20 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложен на јавни и сообраќајни површини на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на детската градинка „Снежана“ и ООУ „Васил Главинов“ . Во оваа општина е интервенирано и на улиците Ресенска и Струмичка.

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и околу 10 кубни метри градежен отпад одложен на сообраќајна површина веднаш до Агенцијата за вработување, на улицата Васил Ѓоргов во општината Центар.

Воедно, во текот на вчерашниот ден се отстранети и вкупно 30 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на улиците Димо Хаџи Димов, Михаил Чаков, Христо Татарчев, Ѓорѓи Димитров, Вера Јоциќ и Антон Попов во скопската општина Кисела Вода“, се вели во соопштението.