Никако да се реши проблемот со паркираните автомобили на Кеј 13 Ноември

На Кејот 13 Ноември во Скопје се вози како на булевар. Шеталиштето е блокирано од сите страни со возила. Низ улица која се изгради меѓу терасите на кафулињата минуваат коли и камиони за дотур на стока, но и приватни возила на луѓе што пијат кафе на терасите.

Во улица е претворен и делот наменет за пешаци покрај реката Вардар покрај галиите од Скопје 2014. Таму на само што се движат возила туку и се паркираат кај ќе стигнат.

Од возилата и камионите кои секојдневно влегуваат и се движат низ кејот, плочникот е уништен и искршен.

Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за СДК велат дека работат на изнаоѓање на решение на овој проблем, ослободување на Кејот 13 Ноември и враќање на неговата првобитна функција како шеталиште за граѓаните.

„Градот Скопје работи на решавање на хаосот со паркирањето кое се случува на повеќе локации долж кејот на реката Вардар. Минатава година Градот Скопје го реши овој проблем кој се случуваше во близина на мостот Гоце Делчев со поставување на столпчиња кај паркингот на МЕПСО, со што се спречи можноста за паркирање на оваа локација. Во однос на локацијата на Кеј 13 Ноември, станува збор за покомплексно прашање, бидејќи тука има рампа и паркинг за пристап на угостителските објекти во вид на дотур на роба, како и за објектите на ГТЦ и Македонски телеком, па неретко истото се злоупотребува од несовесни граѓани кои паркираат возила на оваа локација. Сепак, Град Скопје, во соработка со МВР и Општина Центар работи на изнаоѓање на решение на овој проблем и ослободување на Кејот 13 Ноември и враќање на неговата првобитна функција како шеталиште за граѓаните“, велат од Град Скопје.