Никако да се намали бројот на новозаразени, се најавуваат нови рестрикции

Во текот на минатата недела бројката на нови случаи на Ковид-19 се движеше околу десет проценти од тестираните и во најголем дел на дневно ниво таа беше трицифрена, со исклучок на вторникот кога од 1618 тестирани беа регистрирани 88 нови случаи.

Здравствените власти предупредуваат дека поради доаѓањето на есента можно е влошување на состојбата, и заоа апелираат на почитување на мерките за заштита за да не се воведуваат нови доколку таа драстично се влоши.

Затоа, министерот за здравство Венко Филипче најави и можно воведување нови рестрикции, а најмногу се размислува за задолжително носење маски на отворено, ограничување на бројот на лица на одредени места, но и засилени контроли и казни.

Состојбата со корона вирусот неделава беше тема и на седницата на Советот за безбедност, кој заклучи дека пандемијата на Ковид-19 и справувањето со неа и со последиците што ги предизвикува останува најважен предизвик и во следните месеци.

Сепак, Советот за безбедност заклучи дека, според моменталните проценки, не се очекува развој на пандемијата што би имал влијание врз општата безбедност во земјата.

За подобро справување со коронакризата се размислува и за донесување нов закон за вонредна и воена состојба, што вчера го најави министерот за правда Бојан Маричиќ, поради тоа што, како што потенцира, не знаеме што не очекува во иднина со корона-кризата.

Маричиќ смета дека поучени од сите недоречености по прогласувањето на вонредната состојба, која кај нас е регулирана само „со еден или два члена во Уставот“, е добра идеја набргу да се донесе закон за вонредна и воена состојба.

Во претходното деноноќие од направени 1504 тестрирања, регистрирани беа нови 143 случаи на корона вирус. Во истиот период регистрирани се и девет починати лица.