Татјана Баевска Вучковиќ е докторка педијатар-пулмоалерголог. Со својот професионален пристап во лекарската кариера, но и со својот животен стил е пример за многумина. Секогаш подготвена да даде професионален совет и насока на родителите кога станува збор за здравјето на најмалите и најмилите, но истовремено и промоторка на здравите животни навики.
Физичка активност, престој во природа, но и редовни здрави оброци, советува д-р Баевска Вучковиќ во време на динамично секојдневие каде загадениот воздух ни е како „добар ден“, и кога алергиите се во постојан пораст.
За готвењето и сервирањето на храната вели дека се нејзин „издувен вентил“, а рецептите придружени со „вкусни“ видеа несебично ги споделува на својот фејсбук профил.
Во продолжение прочитајте го интервјуто со инспиративната докторка Татјана Баевска Вучковиќ:
Работите како педијатар-пулмоалерголог, но сте посветени и на здравата исхрана, односно на вашите социјални мрежи може да се забележат интересни видео-рецепти. Од каде поврзаноста меѓу овие две нешта – вашата примарна професија и пасијата за готвење?
Секоја професија има своја тежина, но лекарската е малку поспецифична посебно за нас педијатрите кои се грижиме за децата, но и целото семејство, бидејќи покрај детето како пациент, истовремено се присутни и родителите или некој од потесното семејство при секоја посета во ординација…На тој начин со секојдневната работа и комуникација ние како педијатри сме дел од секое семејство со кое заедно ги растеме и развиваме децата, ги лекуваме кога се болни и ги советуваме родителите за грижа и нега за своите најмили.
Покрај што сум педијатар-пулмоалерголог, сум сопруга и мајка на две деца и секако покрај работните обврски имам и семејни… Имав прекрасно детство и младост, растев со баби, тетки, дедовци и во нашиот дом секогаш се подготвуваше домашна храна како за секојдневно, но и за секоја прослава… се сеќавам за мои родендени по неколу дена сите подготвуваа, бидејки во тие времиња сите прослави беа во домовите…Како педијатри велиме се е од 0-7 години, се доаѓа од дома, па така и децата стануваат огледало на домот…на тој начин семејните вредности и традиции се пренесуваат низ генерациите, па така и кај мене ја има истата експресија како мајка ми и моите блиски роднини…
Пред повеќе од 25 години Лекарска Комора секоја година организираше настан „Докторите пеат, цртаат, глумат…“ беа тоа прекрасни дружби и инспирација за нас како млади доктори. Секој еден на свој начин наоѓа хоби кое служи како „вентил”, кој овозможува празнење на стресот, напорот, долги часови дежурства и за жал некогаш и тажни состојби! Мојата приказна на „вентил”, посебно последниве неколку години се должи на уметност во кујната, подготовка на солени оброци, но некако слатките ми се посебна слабост бидејќи има поголема можност за декорација, начин на сервирање, аранжман на простор итн... сето тоа допринесува во тие моменти и часови, мислите да се фокусирани во еден шарен убав и сладок свет, поразличен од секојдневието.
Колку е тешко да се работи со деца во ера кога сведочиме на сè поголем број состојби со алергии уште од најмала возраст? Кои се најчестите алергии кај децата од нашето поднебје? Кој е првиот совет кој го давате на родителите кои се соочуват со алергии кај децата?
Алергиските заболувања последните години се искачуваат на високо 3-то место на листата на СЗО, посебно доминантни во урбаната средина. Алергиските заболувања се генетски предиспонирани со влијание на фактори од средината клинички. Алергиските заболувања се предизвикани од алергени кои можат да бидат инхалаторни и/или нутритивни, инсекти, лекови.
Кај децата до 5.тата година доминираат нутритивни алергени, а најчести се јајце, млеко, чоколадо, риба, апетисани, бобичасти овошја. По 5.тата година поприсутни се инхалаторните алергени кои можат да бидат целогодишни и/или сезонски присутни.
Клиничката манифестација запонува со “Атописки марш“- кој започнува со атописки дерматит од 3-месечна возраст, алергиски ринит, алергиска астма, уртикарија и животозагрозувачки анафилактичен шок! Третманот е со инхалирачки кортикостероиди, орални антихистаминици, солени раствори, деконгестиви, одржување на хигиена домот и рестрикциона диета од хигиенто-диетски режим.
Согласно добиени позитивни резултати за алергиски заболувања, т.е докажување на специфично ИгЕ антитело кон одреден алерген, прво што им каѓувам на родителите е дека “ Со алергија се живее, а ќе се научиме како да се живее”, прво се учат и советуваат родителите, а од нив се учат и децата, кои еден ден и тие самите ќе бидат родители. Современата медицина постојано развива нови терапии, па така користиме инхаличаки спрејови, орални антихистаминици, а секако на располагање ни е и специфична имунотерапија. Покрај фармаколошки пристап, советуваме и за нефармаколошки процедури.
Колку аерозагадувањето во главниот град е ризик за тешки состојби кај децата од најмала возраст, и како сето тоа може да се одрази на здравјето во текот на животниот век?
Како што напоменав на почеток, светските статистики ни докажуваат поголем процент на алергиски заболувања за секоја возраст во урбаните средини. Токму урбаната средина е и изложена на поголемо загадување на воздухот. Истата состојба ја имаме и ние во нашиот главен град, но и на поголем дел од државата. Секако аерозагадувањето има директно влијание на влошување на симптомите кај децата, но и кај возрасните со хронични состојби на респираторен и кардиоваскуларен систем. Покрај прочистувачи на воздух во домовите, потребно е национална грижа со поставување на прочистувачи во најзагадените средини. Зимскиот период со студен воздух и загаден е сериозен тригер за иритација кај здрави лица, но и тригер за влошување на одредени хронични заболувања.
Колку според Вас како лекар е важна здравата и/или домашно приготвена храна? Дали со вашите видеа сакате да им олесните, да ги инспирирате пациентите дека има вкусни и интересни идеи за јадења без глутен, без лактоза, со природни засладувачи...?
Храната е извор на раст и развој кај децата од најмала возраст и понатаму се до адултна возраст. Нашата традиција изобилува со разноврсни производи како од овошје, зеленчук, млечни и месни производи, За среќа сеуште има домови со домашни производи кои се навистина здрави и посакувани за секој дом. Сведоци сме на брз и динамичен живот, кој наметнува интезивно темпо и да се користи брза храна. Како педијатар секојдневно ги советувам родителите да подготвуваат домашна храна за своите најмали, да се избегнува, сува храна, умерено од се да се користи, во денот да има 3 главни оброци и 2 ужини - златно правило за здрав живот. Секако секогаш давам предност на домашно подготвено, покрај вкусот, важни се и навиките кои ги негува семејството, а на тој начин се пренесуваат и на децата. За здрави навики, секако неопходно е и физичка активност и престој во природа.
Што сакате да готвите најмногу? Како го минувате слободното време во Скопје? Што ве исполнува за среќно секојдневие?
Слободно време секогаш на прво место е заедничко време со домашните. Децата пораснаа, си имаат свои обврски и свое време и се трудиме барем недела да сме заедно и да имаме наше време… Низ годините имам стекнато широк круг на пријатели со кои се трудиме да се дружиме најчесто по скопските локали, престој во природа, „бегство” на Попова Шапка - повеќе од 35 години наше катче во сите сезони…
Инспирација за кујна секогаш има, посебно за викенд како за домашен ручек и секогаш по некој десерт… Малите нешта кои многу значат, се оние кои ме исполнуваат и ми даваат потик и енергија за процесуирање на секојдневни работни и приватни активности…