Независен академски синдикат: Ректорот на УКИМ брза за избори во услови на вонредна состојба

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, ја продолжува постапката за избор на нов ректор во услови на вонредна состојба иако апелиравме изборите за ректор на УКИМ да се одржат во мирни времиња, велат од Независниот академски синдикат.

„Веќе се пишуваше за постапката која отпочна во средината на март, кога на онлајн седница на Ректорската управа се донесе одлука за закажување избори на нов ректор. Изнесувајќи ги бројните аргументи за незаконитоста на постапката и неподобноста таа да се изврши во услови на вонредна состојба, апелиравме изборите за ректор на УКИМ да се одржат во мирни времиња. Сепак, изгледа дека на ректорот Јанкуловски поважна му е функцијата, отколку законитоста на постапката и демократските принципи“, се наведува во соопштението.

Од таму велат дека за утре, на 26 мај е закажана седница на Сенатот на УКИМ, на која на дневен ред е ставена точката Предлог одлука за начинот на спроведување на тајното гласање, а за наредниот ден, 27 мај, Сенатот треба да гласа за Формирање Универзитетска изборна комисија, како што велат од Синдикатот, без да се знае на кој начин ќе се одвива седницата ниту како ќе се спроведе постапката. Од Синдикатот наведуваат дека на 28 мај, на седница на Ректорската управа треба да се донесе Одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор на УКИМ, во која е предвидено рокот за пријавување на кандидатите да биде само пет работни дена.

„Овие постапки се извршуваат во време кога претседавач на Сенатот на УКИМ е самиот ректор Јанкуловски, спротивно на членот 96 од Законот за високото образование, според кој треба да се избере претседавач од редот на универзитетските сенатори. Изборот на претседател на Сенатот претставува клучен услов за спроведување на фер и транспарентна постапка за избор на ректор. Во спротивно, постои висок ризик за злоупотреба на службената должност во постапката за избор на ректор, во ситуација кога проф. д-р Јанкуловски е истовремено ректор, претседавач на Сенатот и кандидат за ректор. Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, „мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба“. Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за споведување избори за ректор“, пишува во соопштението.

Независниот академски синдикат бара од ректорот Јанкуловски, сенаторите на УКИМ, како и проректорите и деканите како членови на Ректорската управа итно да ја сопрат постапката за избор на ректор во вонредна состојба.

извор: Makfax