Незаконска сеча на едно од последните зеленила во Дебар Маало?

Од политичката партија Левица-Центар обвинија дека градоначалникот и општинските служби за викенд и без знаење на граѓаните вршеле непријавена сеча врз една од последните зелени површини во Дебар Маало.

-Изведувачот каде што се исечени дрвата нема означено и обезбедено градилиште, работи без поставена табла и нема дадено известување до засегнатите станари спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за зеленило, велат од Левица и апелираат да не се повтори кастрење на крошни и зеленило, да се превземаат мерки за заштита од штетници, отстранување на искастрени гранки и отпад од зелените површини или други мерки и активности за зачувување на зеленилото кое не смее да биде на штета на јавното уредување и управување и здравјето на граѓаните на Општина Центар.

-Го повикуваме и градежниот инспекторат да излезе на терен и да направи увид со цел разјаснување зошто овој зафат се одвивал воопшто и тоа без поставување на соодветна табла за обележување што е спротивно на законот за ваков тип на активности, а советниците на Левица во Општина Центар ќе бараат одговорност и расветлување на непријавената сеча, порачаа од Левица-Центар.