Невреме со дожд и силен ветер, па пресврт: викендот носи сонце и потопло време

Времето во наредните денови ќе биде променливо, со дожд, засилен ветер и постепена стабилизација кон крајот на неделата, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Од вторник до четврток се очекува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни. Во четврток постојат услови и за изолирана појава на грмежи. Ќе дува југоисточен ветер, кој особено во вторник ќе биде засилен, долж Повардарието со брзина над 60 километри на час.

Веќе од петок и сабота следува стабилизација на времето, кога ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер.

Температурите ќе се движат во интервал од 3 до 11 степени минимални, додека дневните ќе достигнат од 14 до 23 степени.

Утрешниот ден ќе биде сончев со умерена облачност, проследен со умерен, а на места засилен југоисточен ветер. Минималните температури ќе се движат од 4 до 10 степени, а максималните ќе достигнат до 21 степен. Во Скопје се очекува слично време, со температура од 8 до 20 степени.