Невоспитани деца или нервозни педагози - Што вели јавноста за наставникот кој трепаше седмооделенец?

 

Наместо да го учи англиски јазик, наставник од О.У „Панајот Гиновски“ во населба Бутел физички малтретирал седмооделенец.

Видео од настанот беше обелоденето во петокот од кога не стивнуваат реакциите во јавноста за ваквото однесување на наставникот за чија судбина денеска одлучуваат надлежните.

Откако беше споделено видео во кое јасно се гледа дека наставникот, кој неколку години работел како професор по англиски јазик, пред целото одделение, му удара шамари и го крева од земја детето, ставовите на јавноста се поделени.

Повеќето не наоѓаат зборови со кои може да се оправда ваквиот чин, но од друга страна има и такви кои се на ставот дека денешните деца се страшно безобразни и со нив не се излегува на крај.

-Колку и да е детето лошо си има процедура... Се надевам родителите ќе го најдат овој наставник и ќе му покажат што е вистинско шамарање и плус да го средат преку суд па да дадат пример за сите насилници, гласи еден коментар на социјалните мрежи.

- Никој наставник нема право да го удира дете и да е криво, за тоа постои директор, психолог, педагог, постои истерување од училиште, преместување во друго школо, но никој нема право да удира дете, пишува друг родител.

-Не е достоен да го речам наставник по што вакво однесување за педагог некако не оди, никој не пушта дете на училиште некој да го малтретира и омаловажува пред сите другари, без разлика што и да направило детето има родител, старател. Не смеел да си дозволи ова е за крај на кариера како наставник...имаше случка скоро со професорка во некоја гимназија ама таа викаше на сите, споделува друг родител.

-Ова видео за нас е вознемирувачко, а како ли се чувствувало детето во тој момент? Наставник треба да биде посветен на работата, да знае како да ги балансира работите и да најде решение за проблемите, воедно да гради авторитет, но никако не на овој начин. Повеќето наставници својата работа ја гледат само како работа за плата и затоа имаат погрешни методи за работа. А однесувањето на детето е слика на родителот, ако еден родител не може да го воспита детето не очекувајте дека еден наставник ќе воспита 20 деца, е ставот на една граѓанка на оваа тема.

-Во оваа денешница децата немаат никаква култура ниту почит толку се дрски и безобразни. Но чинот на овој наставник воопшто не го оправдувам. Пред се треба да си психолог па потоа наставник, пишува друг.

-Доста ги напаѓате наставниците, погледнете ги своите дева и малку повече домашно воспитување затоа што децата денес се поголеми наставници од наставниците, ова не било без причини сигурно, гласи друг коментар на социјалните мрежи.