Невладините предлагаат бесплатен автобуски превоз за сите, општините садат дрвја и мапираат загадувачи

Беспатен автобуски превоз за сите граѓаните во текот на наредните три месеци, субвенционирање на меѓуградскиот автобуски превоз, воведување на 24-часовен зајакнат инспекциски надзот, итна детекција на загадувачите… се дел од мерките кои вчера беа предложени до Градот Скопје и останатите аеро-загадени општини во Македонија, од страна на  четири Здруженија кои покренаа петиција „Нула толеранција за (аеро)загадување и загрозување на животот".

Здружението за социјални иновации и одржлив развој „РАДАР", Новинари за човекови права, Првата детска амбасада „Меѓаши" и Зелениот институт, упатија апел до сите граѓани на Македонија да ја потпишат петицијата, а ја повикаа и државата да ги исполни обврските во однос на почитувањето на основното право, правото на живот, воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето кое диретно влијае на здравјето на луѓето и нивниот живот.

Според нив, инспекциските служби веќе не треба само да опоменуваат, туку веднаш да ги затвораат оние објекти кои се идентификувани како најголеми загадувачи.

Во рамки на активностите за намалување на загадувањето, општините и Градот Скопје почнаа да преземаат мерки кои се однесуваа на субвениционирање на печки за пелети, мапирање на загадувачите како и засадување на листопадни садници.

Општина Аеродром вчера објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети за граѓаните на нејзината територија. Аеродром ќе им субвенционира околу 50 отсто од трошоците за набавка на печка на пелети, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.

Целта на овој пилот-проект, како што соопштија од Општината, е да се премине кон еколошки систем на загревање со стимулирање на жителите на Аеродром, поточно домаќинствата, да користат почист огревен материјал и поквалитетни печки за затоплување на своите домови ‒ за повисока енергетска ефикасност и помалку штетни емисии во воздухот, како дел од мерките против загадувањето.

Град Скопје викендов  го почна 3Д мапирањето на критичните точки за загадувањето на воздухот во градот со беспилотно летало. Како прва локација беше избрана депонијата „Вардариште", а мапирањето ќе продолжи и на други локации, најавуваат од Градот.

Од градот сметаат дека жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар и дека мерните станици на овие локации покажуваат најголема концентрација на ПМ10 честички. Најавуваат дека со ова мапирање инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите. Потсетуваат дека е активна и кампањата за пријавување огнови на отворено на телефонскиот број 193.

Градот Скопје вчера ја започна и есенската акција во која ќе бидат засадени 3.500 листопадни садници во сите скопски општини. Оваа есен, информираат од градот, приоритет е обновување на сите постојни дрвореди во градот и подигнување нови во Ѓорче Петров и на Бит-пазар.