Невладини организации бараат во буџетот за 2023 да не се кратат средства за превентивни програми за здравствена заштита

Иако за 2023 година е планиран највисокиот буџет досега, здравјето на луѓето се става на најниско можно ниво, бидејќи не само што нема зголемување на средствата за превентивната здравствена заштита, туку има кратење во седум од вкупно десет превентивни програми, изјави на денешната прес-конференција извршната директорка на ХОПС, Хајди Штерјова.

На прес-конференцијата на којашто присуствуваа и претставници на Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ, на Здружението ЕСЕ и на Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, беше упатен апел до пратениците во Собранието, особено членовите на Комисијата за финансирање и буџет, да ги усвојат  доставените амандмани на Предлог-буџетот за 2023 година во разделот 19001 – Министерство за здравство.

– Последователно, бараме истите амандмани да бидат прифатени од страна на Владата на Република Северна Македонија, соодветно да бидат вметнати во дополнетиот Предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2023 година и да станат дел од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година. Очекуваме транспарентност и соработка од сите одговорни страни, вклучително и Владата, со оглед дека се работи за здравјето на нашите граѓани, порачаа претставниците на овие невладини организации.

Според нив, кратења има во програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелозата, за спречување на туберкулозата, за заштита од СИДА и за активната здравствена заштита на мајките и децата. Вкупниот буџет на програмите за превентивна и за куративна здравствена заштита е на исто ниво како и оваа година, и покрај тоа што Буџетот за следната година е најголем што земјава го имала досега во својата независност.

Алмира Фаслији Муарем од здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ потсети дека пред две години Комитетот на ОН за елиминација на дискриминацијата на жените (ЦЕДАВ) донесе одлука со која ја задолжи државата да обезбеди пристап до здравствени услуги за маргинализираните групи на граѓани, но наместо тоа, како што вели, се намалуваат средствата за програмите кои ним им се наменети.

– Со ваквите буџетски кратења се загрозува репродуктивното здравје на Ромките, а особено на бремените жени кои се здравствено неосигурани и на жените без лична документација, додаде таа.

Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ истакна дека Комитетот за правата на детето при Обединети Нации во септември оваа година изразил загриженост во врска со константното намалување на инвестициите за здравствена заштита на мајките и децата во земјава, а само два месеци подоцна, државата го намалува буџетот на Програмата за мајки и деца за три милиони денари.

– Од друга страна, се намалува и буџетот за Програмата за скрининг на малигни заболувања, иако токму тие се меѓу водечките причини за смртност кај нас. Колку за пример, додека европските земји бележат опфат со скрининг за рак на грло на матка од над 75 проценти, кај нас опфатот се движи околу 28 отсто за три години, додаде Павловски.

Андреј Сених од здружението на пациенти и Платформата за ХИВ смета дека е неопходно е и зголемувањето на Програмата за ХИВ, за да можат сите пациенти да се покријат со терапија која овозможува целосно контролирање на вирусот и значи живот.

– Еднакво е важно да се продолжат и прошират постојните мерки за тестирање и превенција меѓу ранливите групи, кои се честопати надвор од системот на здравствена заштита, бидејќи тоа ќе значи да откриеме што поголем број лица инфицирани со вирусот и да ги поврземе со лекување. Тоа е единствениот докажан начин да ги оствариме глобално поставените цели до 2025 година и е во согласност со препораките на Светската здравствена организација, изјави Сених.