Несовесен граѓанин поставил дивоградба во Скопје Север - откако Костовски најави рушење и кривична, сам ја демонтирал

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски вчера информираше дека во Скопје Север, несовесен граѓанин узурпирал државен имот, при што поставил дивоградба и исекол столб од општинско осветлување.

За денеска тој имаше најавено дека ќе следи брза и одлучна акција за отстранување на дивоградбата и кривична пријава за сторителот.

Сепак, утрово сподели дека инспекторите констатирале дека сè било вратено во првобитна состојба.

„Дали надвладеал разумот или стравот од соочување со законот, воопшто не е важно. Важно е дека нема узурпација и не е оштетен државен имот“, истакна Костовски, притоа порачувајќи дека државниот имот не смее да биде узурпиран ниту оштетуван и дека законот важи за сите.

Воедно тој нагласи дека нема да се дозволи локални шерифи да продаваат сила која во основа е грубо кршење закон.