Несогласувања во Владата: Десковска не се согласува за вакцините

Ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем – порачуваат од Министерството за образование. Од таму велат дека вакцината не може да биде услов за упис во градинка и училиште. Од Кабинетот на министерката Рената Десковска со порака до здравствените власти – да најдат други механизми со кои ќе ги едуцираат родителите и ќе го зголемат опфатот на имунизација.

Во Уставот на Република Македонија, е наведено дека основното образование е задолжително. Ова значи дека ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем. Потребни се мерки и кампањи од едукативен карактер за придобивките од вакцинацијата, советувања за родителите кои не ги вакцинираат своите деца, но и санкции, велат од Министерството за образование.

По ваквиот став од МОН, сега и министерот Венко Филипче го смени ставот од вчера и вели дека разговараат со Министерствата за образование и труд и социјална политика, во која насока да се прават измени. Посочува дека родителите треба прво да се советуваат. Тој  во обид да го врати степенот на имунизација кај децата, вчера најави сосема нови поригорозни мерки кои ќе помогнат во спроведување на задолжителната вакцинизација. Филипче рече дека услов за запишување во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани започнувајќи од септември. Денеска тој, по реакцијата од МОН го смени ставот.

Во моментот разговараме за тоа дали е потребно да се направи промена во некој дел од регулативата, секако дека ни едно дете нема да остане без образование заради тоа што тоа е задолжително и со Устав загарантирано. Сметам дека вакцинацијата може да биде индивидуален избор, но на тој начин смееме да дозволиме да го загрозиме колективниот имунитет’, вели за ТВ 24 Венко Филипче – Министер за здравство.

Според лидерот на ЛДП и пратеник во Собранието Горан Милевски, пак дискриминаторски е услов за упис во градинките и училиштата да биде вакцинацијата.

Во 21 век да им се заканувате на родителите дека нивните деца ќе останат неписмени само дека не се вакцинирани е срамота и мислам дека министерот и министерството ако се сериозни во овие најави, треба да отстапат, изјави Горан Милевски – Претседател на ЛДП.

Здравствените власти се категорични дека вакцините се безбедни и досега не се забележани посериозни реакции ниту смртни случаи како последица од вакцинација.