Нерасчистениот снег донесе скршеници - над 80 скопјани завршија во болница

Обилните врнежи од снег и подмрзнатите коловози и тротоари ги наполнија болниците. Со повреди или скршеници на екстремитетите во градските болници и Ургентниот клинички центар заклучно до вчера се пријавиле околу осумдесетина лица.

Од градската болница “8-ми Септември” информираа дека до 13 часот преглед побарале 42 граѓани, од кои кај 19-мина имало фрактури на раце или на нозе, но нивните повреди биле санирани без операција. Во Ургентниот клинички центар пак, ни рекоа дека кај нив повеќе се носат повредени од сообраќајни несреќи настанати како последица од излизгување на снегот. Кај нив била донесена една жена од Гевгелија со скршена коленица, но и две деца кај кои биле констатирани набиеници поради паѓање на снег. Во старата градска болница “Св. Наум Охридски”, пак не информираа дека кај нив биле примени 25 граѓани од кои само кај двајца биле констатирани скршеници.

За скршеници да се бара отштета

Народниот правобранител им порачува на граѓаните да не ја чекаат правдата и правата, туку да се борат за неа. Омбудсманот советува за скршениците кои настанале како последица од нерасчистените улици, граѓаните можат да ја тужат општината во која паднале и да побараат обесштетување.

Ист совет упати и поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски кој на својот фејсбук-профил објави дека граѓаните кои се повредиле на улиците од снегот и мразот треба да бараат надомест од општините за штетата.

– Со ситуацијата на нерасчистени тротоари и улици во случај на настанување повреда, општините се надлежни за изградба, одржување и реконструирање и заштита на локалните патишта, улици и други објекти, од што излегува дека при здобиена повреда од улици кои не се одржуваат, општината во чија надлежност се улиците е одговорна и граѓаните кои се здобиле со повреди имаат право да бараат надомест од Општината, напиша Конески на фејсбук-профилот, но не напиша дали за време на неговото градоначалствување им исплатил отштета на граѓани со скршеници.

Зимската служба ги чисти улиците

Снегот кој интензивно паѓа во Скопје им задава главоболки на екипите на Зимската служба на Град Скопје. Оттаму информираа дека постојано се на терен во расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на градските улици и булевари. Од Град Скопје велат дека “критичните точки” низ градот дополнително се посолуваат при што заклучно со вчера биле фрлени 355 тони сол.

– Покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија со механизација и рачно го чистеа снегот од тротоарите. Во работата на чистењето на тротоарите ангажирани се 80 работници од ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“. Паралелно со нив, екипи на ЈП „Водовод и канализација“ работат на терен на чистење на сливниците – велат од Град Скопје.

Градските власти информираат дека оваа зимска сезона се обезбедени 4.000 тони сол, што заедно со преостанатите количества од минатата сезона изнесува 4.500 тони сол, како и 300 тони ладен асфалт.

Граѓаните се жалат дека тоа не е доволно бидејќи новите снежни навеви постојано ствараат снежна покривка која им го отежнува движењето, особено на тротоарите и споредните улички. Вчера имаше гужви и во автобусите на градскиот превоз кои беа преполни со патници бидејќи многумина од нив своите неисчистени возила ги оставиле на паркинг. Иста е ситуацијата и пред влезовите на зградите бидејќи на повеќето станари подобро им е да го гледаат снегот од прозорец отколку да ја земат лопатата во раце и да го подзачистат снегот.

Глоби за нечистење на снегот

Градоначалникот Петре Шилегов го посети Центарот за управување и контрола на сообраќајот каде што ја следеа работата на Зимската служба и состојбата на терен. Оттаму им препорачуваат на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите, истите да не паркираат на улиците и булеварите, и да овозможат непрекинато движење на возилата на Зимската служба.

Останатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Од Дирекцијата за заштита и спасување упатија апел до градоначалниците и општините да ги преземат сите неопходни мерки за расчистување на снегот и снежните наноси, заради нормално одвивање на сообраќајот и заштита на населението согласно обврските од Законот за заштита и спасување, кој пропишува Градот Скопје и скопските општини поединечно се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи.

– Глоба од 4.000 евра ќе му се изрече на правното лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови. Триесет проценти од изречената казна ќе добие и одговорното лице во правното лице. Исто така, глоба од 1.000 евра може да заработи сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект – се предвидува во казнените одредби во Законот за заштита и спасување.

ЈП „Комунална хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.
Во истиот закон се пропишува дека сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти за се обезбеди непречен пристап до објектите.

Од УХМР велат дека во Скопје и денеска ќе биде облачно со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се спушти до минус пет, а дневната ќе достигне до минус еден степен. Од петок до недела времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински температури и со услови за магла по котлините.

ДЗС со препораки до граѓаните кои одат на планина

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) препорачуваат да не се тргнува на пат со неисправно возило и без соодветна зимска опрема, возилото да има доволно гориво за пристигнување до саканата дестинација, но и во случај да дојде до прекин на сообраќајот, да имаат доволна количина на храна, вода, лекови и топла облека.

Од Дирекцијата велат дека граѓаните треба да имаат наполнети батерии на мобилните телефони и конекција со своите роднини и пријатели, луѓето што ќе ги посетат зимските центри да ги користат уредените патеки за скијање, а доколку истите сакаат да ги напуштат да ги известат спасителните служби на тие центри, планинарите, алпинистите и останатите граѓани кои сакаат да планинарат во зимски услови, да ги известат најблиските полициски станици или спасителни служби за нивниот правец на движење и времето на враќање.

– Доколку не е крајно неопходно, да не го напуштаат населеното место со моторните возила, трактори и други превозни средства, велат од ДЗС.