Непрописно паркираните автомобили се само една од многуте пречки за слепите лица

Коалицијата „Менуваме“, по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, бара безбедни тротоари, функционални звучни семафори и пристапен јавен превоз за слепите лица и лицата со оштетен вид.

Од Коалицијата предупредуваат дека непрописно паркираните автомобили, пречките на тротоарите, неправилно поставените тактилни патеки и недостапните информации во јавниот превоз го загрозуваат безбедното и самостојното движење.

Меѓу предложените мерки се ревизија на пешачките маршрути и автобуските постојки, отстранување на пречките, редовна проверка на звучните семафори и обезбедување достапни информации за патниците. Се бара и поголемо вклучување на слепите лица и нивните организации во планирањето и оценувањето на решенијата.

„Менуваме“ повикува на координација меѓу Градот Скопје, општините, јавните претпријатија и другите надлежни институции, со јасни рокови, одговорности и јавно известување за преземените мерки.

Од Коалицијата нагласуваат дека пристапноста не е привилегија, туку право и предуслов за еднакво учество во општеството.