Непознато лице се јавило во Сител и рекло дека во студиото има подметнато бомба

Телефонски повик до ТВ Сител во 21 часот, со кој е упатена закана дека во телевизијата имало подметната бомба, потврдија полициски извори за Телма.

Непознато лице по телефон се заканило дека во студиото имало подметната експлозивна направа. Веднаш по повикот е известена полицијата, а на терен се противтерористички тимови на МВР. По проверките е утврдено дека станува збор за лажна дојава, а телевизијата во редовен термин ги емитуваше своите вести.

-Во моментот на пријавата имаше вработени внатре, а полицијата дојде, проверуваше и кажаа дека нема ништо, изјави вработен во телевизијата кој се јави на телефонскиот број.

Полицијата започнала проверки за да се утврди од кој телефонски број е пристигната лажната закана.

Телевизијата се наоѓа во склоп на Националната фудбалска арена, во Градскиот парк во Скопје.