Непочитување на работничките права, причинa младите да ја напуштат државата

Работничките права на младите во Македонија не се почитуваат, а тоа е една од причините поради која тие ја напуштаат државата.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето кое го спроведе Коалицијата на младински организации СЕГА. Ова истражување е направено во рамките на Националната кампања „365 работнички права за младите” која има за цел изнајде систематско решение и да се подигне свеста кај младите за нивните работнички права кои им се загарантирани со Законот за работни односи.

– Состојбата во која се наоѓаат младите вработени во Македонија е загрижувачка, односно загрижува фактот на непочитување на нивните работнички права. Резултатите од онлајн истражувањето спроведено од 15 јануари досега укажува дека 75 проценти од вкупно анкетираните 1.239 испитаници сметаат дека работничките права се напишани само на хартија, а 57 проценти се плашат да пријават било какво прекршување од две причини – за да не бидат избркани од работа и поради тоа што сите останати вработени молчат, изјави извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески.

Истражувањето покажува дека 10 проценти од вработените работат со устен или без никаков договор, а на 10 проценти од вкупниот број на вработени не им е дадено да го прочитаат договорот за вработување што го потпишуваат.

Што се однесува до невработените лица, 25 проценти изјавиле дека се подготвени да влезат на работа без да потпишат било каков договор, а 64 проценти се подготвени да потпишат бланко отказно решение, што исто така е загрижувачки факт поради нивната подготвеност само да појдат на работа. Според резултатите од истражувањето 15 отсто од вработените во Македонија заедно со договорот за вработување потпишале и бланко отказно решение.

– Овие факти покажуваат дека состојбата со вработените млади луѓе во Македонија е загрижувачка и она што треба да се направи е системско решение преку кое ќе се заштитат работничките права и работодавачките ќе бидат помотивирани да го отворат процесот и да ги едуцираат идните вработени во однос на нивните права кои им се загарантирани со законот, смета Илиески.

И според претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски, во Македонија не се почитуваат работничките права и тоа е една од причините поради кои младите ја напуштаат државата.