Неодамна беше обновен, а сега брутално уништен - Паркот „Бановина“ во Аеродром мета на вандализам

Вандализам во парк во скопски Аеродром. Искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а обиена е и чуварската куќа во паркот кој неодамна беше обновен. 

Општина Аеродром најостро го осудува синоќешниот вандалски чин во паркот „Бановина“, каде што беше брутално уништена заедничката сопственост на сите граѓани. Искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а обиена е и чуварската куќа. Паркот „Бановина“ неодамна беше целосно обновен, со нова, современа урбана опрема за уживање на сите генерации. Наместо грижа и почит, сведочиме на несовесно однесување и уништување, наведуваат од општина Аеродром. 

Додаваат дека ваквите постапки нема да бидат толерирани, а случајот е веќе пријавен во полиција.

Општина Аеродром упатува апел до граѓаните: да го чуваме она што е наше, да пријавуваме вандализам и да покажеме дека сме зрела и одговорна заедница.

- Само така можеме да имаме уредена, безбедна и достоинствена општина, велат оттаму.