Необичен бизнис во Колумбија: Жена тврди дека купила две куќи продавајќи информации и озборувања

Необичната приказна на 67-годишната Мирјам од градот Арменија, во колумбискиот регион Квиндио, стана вирална откако во интервју откри дека со години заработува продавајќи информации и озборувања од своето соседство.

Таа тврди дека токму на тој начин успеала да купи две куќи. 

Мирјам вели дека уште од раните утрински часови седи пред својот дом, разговара со соседите и внимателно ги следи случувањата во населбата. Според неа, „полесните“ озборувања ги наплаќа од 5.000 до 10.000 колумбиски пезоси, додека информациите што се однесуваат на неверства, семејни конфликти или други чувствителни теми имаат значително повисока цена. 

За да ја поткрепи својата приказна, Мирјам тврди дека води детални белешки, фотографира и чува докази за информациите што ги собира. Во својот дом дури има и табла со фотографии и белешки за настаните и луѓето од соседството, кои ги користи како своја „архива“.

Освен што наплаќала за откривање информации, Мирјам вели дека заработувала и така што наплаќала да не открие одредени тајни. Во едно интервју тврди дека еден маж ѝ платил околу 700.000 колумбиски пезоси за да не ја открие неговата вонбрачна врска, бидејќи стравувал дека ќе му се распадне семејството.

Нејзината приказна стана популарна откако беше објавена на ТикТок, а потоа ја пренесоа бројни медиуми низ Латинска Америка.