Ненадејно почина градоначалникот на Брвеница, премиерот со сочувство

Ненадејно, на 58-годишна возраст, почина Јовица Илиевски, градоначалник на општина Брвеница. Жителите на општината со неверување ја примаат трагичната вест. 

Од Илиевски се прости и премиерот Христијан Мицкоски. 

- Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на општина Брвеница. Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати. Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат. Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце, сподели премиерот Мицкоски. 

- Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа.

Јоцо на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да биде заборавен. Вечен спомен! - наведува Мицкоски. 

Илиевски беше градоначалник во два мандати. Од 1999 год. до ноември 2021 бил вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Од 11 ноември 2021 год. е избран за градоначалник на општина Брвеница за период 2021-2025. Во периодот 2013-2017 год. е член во Советот на општина Брвеница.